Зградата во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и уште шест други институции сé уште нема технички прием иако тие функционираат во неа повеќе од една година, констатира последниот ревизорски извештај за РКЕ.
-Зградата е заедничка инвестиција на шест институции за која главен претставник беше ПУИГ. Нашите надлежности ги префрливме на ПУИГ кој во соработка со Министерството за транспорт и врски треба да го регулира статусот на зградата. Имам одредени сознанија дека Министерството има некои забелешки во однос на конечната состојба како е направена зградата и оти има разлика во однос на тоа што било во проектот и тоа што е реализирано, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, одговорајќи на прашање пред почетокот на денешната подготвителна седница на РКЕ
Тој посочи дека ревизорскиот извештај се однесува на 2017 година и со него е констатирано дека заградата во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика сé уште нема технички прием.
-Ние постапивме по сите забелешки што ги добивме од ревизорот и донесовме соодветни процедури и за тоа ќе го известиме Државниот завод за ревизија во текот на денов, рече Бислимовски.