Тимот битолски спасители, Петар Нолев, Зоран Балуловски, Владо Николовски, Петре Илиоски и Игор Радичовски се вратија од турскиот град Адијаман кој настрада во неодамнешниот земјотрес во Турција.

Првата средба по враќањето од Турција ја остварија со градоначалникот Тони Коњановски и го информираа за спасувачката акција во разрушениот турски град каде учествуваа во спасувањето човечки животи.

-Нема зборови со кои може да се искаже големината на овие наши луѓе и нивното херојство. Битола е горда, што има вакви луѓе, обучени за брз одговор за спасување од планина и високи објекти кои можат и сакаат своето знаење и подготвеност, да ги употребат за најхуманата работа – спасување на човечки животи. Големо благодарам за се што направија и за нивната подготвеност, секогаш да бидат на висина на задачата и професионално да одговорат, истакна градоначалникот Коњановски на средба со битолската спасувачка екипа и ги награди со по една просечна плата.

Со одлука на Советот на Општина Битола, за настраданото население во Турција и Сирија издвоени се 500.000 денари, а битолчани со повеќе доброволни акции ја покажаа хуманоста на дело.

Вчера, како што информиравме, во Македонија се врати и тимот од Струмица.