Делегација на Министерството за јавна администрација учествуваше на конференцијата „ReSPA Open Days“ во Кишинев, Молдавија, каде на панел-дискусии ги презентираше клучните приоритети и достигнувања од македонската реформска агенда во јавната администрација.

Како што соопшти Министерството, во фокусот на излагањата била улогата на Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA) во поддршката на реформите во земјите од Западен Балкан, при што македонските претставници ја нагласиле важноста од партнерството во спроведувањето на реформските процеси.

Посебен акцент бил ставен на дигиталната трансформација, модернизацијата на јавните услуги, развојот на човечките ресурси, управувањето со квалитет и зајакнувањето на административните капацитети. Притоа биле презентирани и конкретни резултати од реформските активности реализирани со поддршка на ReSPA.

Од Министерството посочуваат дека „Македонија има долгогодишна и успешна соработка со ReSPA, која се одвива преку тематски работни групи, мрежа на национални координатори и учество во управувачките структури на организацијата“. Според нив, оваа соработка овозможува националните реформски приоритети да се преточат во конкретни програми и мерки, прилагодени на потребите на институциите.

На настанот биле истакнати и придобивките за земјава од унапредувањето на системите за следење и известување за реформите, развојот на административните капацитети, зајакнувањето на средниот менаџмент и поддршката на процесите поврзани со евроинтеграцијата.

Конференцијата во Кишинев, информираат од Министерството, претставувала можност за размена на искуства со земјите од регионот и зајакнување на регионалната соработка, при што било посочено дека проширувањето на активностите на ReSPA кон Молдавија, Украина и Ерменија ја потврдува вредноста на пристапот за градење модерни и ефикасни институции.