Континуирано работиме на мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, во сегментите што се дел од „Планот за чист воздух“. Допрва ќе ги видиме ефектите кога ќе почнат мерењата од октомври и од наредната грејна сезона, вели заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во интервјуто наведува дека континуирано се работи на мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, во сегментите што се дел од Планот за чист воздух.

-Заради изборите чекаме да помине 5 мај и да се распише повикот за инверторите што ќе ги инсталираме во повеќе јавни институции, пред сè градинки, основни училишта и здравствени домови. Филтрите што треба да се набават заедно со одредени стопански капацитети кои загадуваат, помали комбинати, но од друга страна заедно со дел од универзитетите во Скопје и во Штип правиме еден научен пристап на мрежата за мониторинг, да ја надополниме на онаа овде во Министерството и со научни факти да се бориме со загадувањето, вели Макрадули.

Ефектите од „Планот за чист воздух“, посочува дека допрва треба да се видат кога ќе почнат мерењата од октомври и од грејната сезона.

– Има неколку објекти што се покрупни и емитуваат CO2, SO2 и кои нема веќе тоа да го прават од зимската сезона, така што секако очекувам намалување на аерозагадувањето, истакнува Макрадули.