Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју објавено синоќа од весникот „Паризиен“, потврди дека копнени операции во Украина со учество на Запад можеби ќе бидат неопходни „во некаков момент“.
„Можеби во даден момент – а јас тоа не го сакам, нема да преземам иницијатива за тоа – ќе се наложи да има операции на терен, какви и да се тие, за да се спротивставиме на руските сили“, рече Макрон.
Тој го дал интервјуто завчера (15 март) по враќањето од Берлин, каде се сретна со лидерите на Германија и Полска. Во главниот град на Германија, Макрон се сретна со канцеларот Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск во знак на единство меѓу трите земји.
Повеќето изјави на Макрон, кој одбива да ја отфрли можноста за испраќање копнени трупи во Украина, ги вознемири сојузниците на Париз, предводени од Германија, и предизвика речиси едногласно неодобрување од опозицијата во Франција.
Во своето интервју за „Паризиен“, Макрон отфрла какви било несогласувања во француско-германскиот тандем по ова прашање.
„Сакав многу брзо да дојдам во Германија за да не предизвикам дебата за стратешките разлики што може да постојат: тие не постојат“, објаснува Макрон.
„Никогаш немало несогласувања меѓу канцеларот и мене. Имаме многу заеднички ставови за целите и ситуацијата. Различен е начинот за нивното спроведување“, продолжи тој, нагласувајќи ја „стратешката култура“ на двете земји.
„Германија има стратешка култура на голема претпазливост, на неинтервенција и се држи на растојание од нуклеарната енергија. Модел кој е многу различен од тој на Франција, опремена со нуклеарно оружје ја зачува и зајакна професионална армија“, рече повторно Макрон.
Францускиот претседател додаде дека се откажал од патувањето во Киев за да отиде во Берлин завчера и таму да се сретне со Олаф Шолц и Доналд Туск.
Тој увери дека овој месец во Украина ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски.
Фото: МИА архива