Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се чека конечната одлука на бугарскиот парламент за предлогот со кој ќе се одблокира ветото за пристапни преговори за … Македонија со ЕУ. Тој на прес конференција по Самиот на ЕУ во Брисел истакна дека верува дека се блиску до договор за Скопје и Тирана да продолжат напред кон преговори. Во меѓувреме, Украина и Молдавија добија статус на земји кандидати за членство во ЕУ, пренесе РСЕ.

Блиску сме до договор, во наредните неколку часа ќе се разговара со … Македонија за да се финализира договорот, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон на новинарско прашање за коментар на Самиот на ЕУ со Западен Балкан. Тој изјави дека Македонија досега направи историски чекори, како менувањето на името и уставот, а сега земја членка на ЕУ повторно бара измени.

„Не можеме да се преправаме дека тоа не постои. Дали е фер кон Македонија, морам да кажам дека не е. Затоа ние направивме толку притисок врз Бугарија во изминативе месеци, и тоа е резултат на политичката криза која настана неодамна во Бугарија. Не можеме да се правиме дека тоа не се случува“, изјави Макрон.

Тој посочи дека во Бугарија има политичка криза и поздравувајќи ги напорите на бугарскиот премиер за се што е досега сторено од негова страна.

„Мислам дека сме многу блиску до договор. Направивме предлог, работевме многу блиску заедно. Тоа ни дозволи да ги вметнеме бугарските барања кои се компатибилни со она што може Македонија да направи, но очигледно е прашање на видливост и градење на доверба во наредните неколку часа, кон тоа што е договорено, ќе има гласање во бугарскиот парламент и се потпирам на сите политички чинители во Бугарија да го поддржат ова. Претседателот на Републиката ќе мора да покаже посветеност тука. Партиите во сегашното владејачко мнозинство, како и тие кои го напуштија, како и тие во опозиција треба да гласаат. Во наредните неколку часа ќе разговараме со … Македонија за да го финализираме договорот. Сега се се движи напрeд и се надевам дека следната недела ќе имаме состаноци со кој процесот би отишол напред, Македонија и Албанија би тргнале напред“, изјави Макрон.