Нема одложување на општинските и меѓуопштинските избори во Франција, но ќе има строги мерки во однос на пандемијата на коронавирусот. После консултациите со главните политички лидери на земјата, како и повеќето здравствени и научни власти, претседателот Емануел Макрон за време на телевизиското обраќање, го претстави националниот систем за ограничување на ширењето на „Ковид-19“, со оглед дека во Европа, Франција со над 2.200 случаи е најпогодена по Италија, јави дописникот на МИА.

Во Франција има 2.281 потврдени случаи на новиот коронавирус, а 48 лица починаа. Според Макрон, ова е „најсериозната здравствена криза во последните 100 години“.

Шефот на француската држава не објави одложување на општинските и меѓуопштинските избори, закажани за 15 и 22 март. По консултациите со Ришар Феран и Жерар Ларшер, претседателите на Националното собрание и Сенатот, тој ја потврди целта на Владата: да обезбеди „демократски континуитет“.

-Од понеделник, и до понатамошно известување, ќе бидат затворени градинките, основните и средните училишта и универзитети, рече Емануел Макрон.

Ова претставува 62.000 установи и повеќе од 12 милиони млади. Досега, единствениот француски регион што спроведе ваква мерка е Корзика, од четврток, се до 29 март.

-Барам вечерва сите луѓе над 70-годишна возраст, оние кои страдаат од хронични заболувања, респираторни проблеми или се онеспособени, да останат што е можно повеќе дома, порача Макрон.

Откако објави дека јавниот превоз ќе остане отворен, Емануел Макрон ги замоли Французите да ги ограничат своите патувања „на минимум“.

Откако го пофали францускиот здравствен систем, кој според него има најдобри експерти во светот, Макрон увери дека „ќе бидат распоредени сите потребни средства“ за здравјето на граѓаните, а тоа без разлика „колку и да чини“.

Свесен дека економијата е речиси парализирана од здравствената криза, особено секторот за туризам и хотели, Макрон се обврза да воведе „исклучителни и масивни“ мерки за делумна невработеност. Тој се обврза дека државата ќе го „покрие целосно“ обештетувањето на одредени вработени.