Премиерот Зоран Заев заедно со неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Охрид ја утврдија декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка.

Декларацијата следува  по претходната нивна заедничка средба што се одржа во Нови Сад.

Од Владата информираат дека во основата на декларацијата се соработката, заедничкиот ангажман и елиминирањето на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварување на заедничката крајна цел- полноправното членство во ЕУ.

Се очекува на граничните премини, покрај заедничките царински контроли, да има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, како и слободно движење на граѓаните во трите земји само со лични карти.

Со декларацијата се најавуваат можностите на отворен пазар и пристап за бизнис иницијативите во целиот регион без разлика на местото на основање на компаниите, создавање нови работни места и поттикнување на потенцијалите за севкупен развој.

– Оваа иницијатива отвора големи можности за младите од поврзувањето по угледот на европскиот модел за имплементирање на стандардите на ЕУ со цел економски напредок на земјите од Западен Балкан и целокупната демократска трансформација, велат од Владата.

Почна работниот дел од самитот

Почна работниот дел на состанокот на лидерите на Западен Балкан во Охрид. На состанокот на кој домаќин е премиерот Зоран Заев, присутни се српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.

На состанокот во Охрид ќе биде презентирана вчера утврдената декларација со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка и за остварување на заедничката цел- членство во ЕУ.

Според агендата, ќе се одржи и пленарна сесија со претставници на Европската Унија, Советот за регионална соработка, на Светската Банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе следува заедничка прес-конференција.