Ловењето на риба со помош на градење на ловишта или мандри, иако веќе не се применува, се уште важи за највпечатливиот начин за рибарење во Македонија и најпрепознатлив токму за Дојран.

Денес на прсти се бројат луѓето кои се уште паметат како се ловело со мандри и кои директно учествувале во оваа макотрпна техника на која рибарите некогаш и ги посветувале сите работни часови, а често се работело и доцна во ноќта. Во овој традиционален начин на ловење, рибарите со помош на птици ги задржувале рибите во огради од трски, кои рачно се плетеле и успевале да обезбедат богат улов. Но освен со мандри, дојранските рибари биле вистински мајстори за ловење и со познатиот “гриб”, којшто претставува голема влечна мрежа, со која најчесто се ваделе крапови од езерото.

Еден од постарите дојранци кој се уште памети како се ловело некогаш во Дојранското Езеро е рибарот Митко Грошев, жител на Нов Дојран, кој раскажува за редоследот на ловење и која риба во кој период можела да се фати. Тој си спомнува дека забраната за риболов, тогаш, слично како и сега, траела од 1 април до 1 мај, а потоа почнувал ловот на риби.

– Во 1967 година јас влегов да работам во езерото. Од тогаш паметам дека од 1 април имаше група рибари кои ги пуштаа да берат трска, а другата група да ги поправа чамците останати од зимата. Тоа беа подготовки за риболовот кои траеја до 1 мај. По оваа дата почнуваше ловот на сом со специјални мрежи, што се ставаат во трската. Тогаш, за разлика од сега, имаше многу трска, имаше места кај корените на трската, кои старите рибари ги знаеја, тие се подигаа и мрежата се местеше под самите корени. Токму во тие места како во пештери презимуваа сомовите. Овие мрежи се налик на инка, а ги викавме даули, па кога сомовите почнуваат да се движат низ водата, влегуваат во мрежата која на самиот крај е стеснета и потоа не можат да излезат, вели Грошев.

По сомот, следен за лов бил кострежот чиј риболов почнувал во истиот месец, но со друга техника.

– Кострежот се ловеше со јадици кои ние ги викавме в’јци. На јадиците редевме малечки живи белвици. Белвицата ја фаќавме на колците, каде што се мрести, а не на мрежа, бидејќи така ќе умре брзо. Во 2 часот наутро станувавме и со голема мрежа ги фаќавме. Во ноќта се движевме со фенер, немавме ни батерии. Јадиците ни беа однапред спремни, само им ги стававме белвиците и ги фрлавме. Еден рибар по 350 јадици ќе намести и пред разденување, јадицата мора да биде фрлена во езерото, раскажува Грошев.

Дојранските рибари знаеле да ловат и со помош на рибата мергур, карактеристична по својата малечка глава и голем грб, која се чувала во голем лонец со вода за да преживее. Потоа почнувал ловот на црвеноперка, која пак, се фаќала со помош на езерските школки.

Со настапување на есента, рибарите го правеле првиот распоред за мандрите, како посебни ловишта поставени во езерото. Мандрите биле заградени со трска од три страни, а делот кон езерото не бил затворен, за тука да може да се собере рибата, која бегала од птиците грабливки. Овој уникатен начин на ловење риба што се применувал токму во Македонија, траел од октомври до март. Птиците во потрага по храна се приближувале кон оградата, бркајќи ги натаму и рибите. Рибарите ги фаќале птиците, им ги потсекувале крилјата, за да не можат да летаат и ги чувале во делот наречен пиликатник. Се ловело со помош на корморанот, кој во дојранско го викале гаро, со ачко, со кокаљка, како и со други птици кои доаѓале во езерските трски. Кога ќе ја завршеле својата функција, птиците биле ослободувани, па откако повторно ќе им пораснат перја, можеле да одлетаат од водата.

– На езерото имаше неколку колиби, каде што се засолнуваа рибарите и преку целото лето прво собираат трска, која се суши и потоа се класифицира. Од најквалитетната трска се плетат леси, така ги викавме, густо исплетени огради, кои служат да се гради мандрата со нив. Пред тоа, на две места стававме мамки за да ги фатиме птиците корморани или гаровци, како што ги викаме. Нив ги задржувавме со поретка плетена трска и од горе стававме мрежа. Кога ќе дојдевме ја подигаме мрежата и ќе почневме да фрламе ситни риби. Користевме белвици и црвеноперки, исечени од грбот до стомакот. Мамката беше тоа што белвиците ќе останат од горе, а другите риби паѓаат доле и галебите кога ќе ги видат рибите ќе се соберат, ќе нурнат во водата по храна, притоа ќе се отвори еден дел, ќе влезе птица и пак ќе се затвори. Така влегуваат по 10 – 15 птици на секое отворање, им ги потсекуваме крилата и чекаме, објаснува дојранскиот риболовец.

Мандрата функционирала на принцип на преградување и приморување на рибата која бега од кормораните да се збие во преградите на ловиштето. Кога рибарите ќе оценеле дека има доволно риба целосно ја заградувале мандрата, при што се создавал мал простор наречен котец од каде се црпеле рибите.

– Првиот ден кога ќе влезат мајсторите, кои се највештите главни рибари, без да се заградува, во ловиштето се наполнува многу риба и наутро сигурно има да натовариме еден чамец или по дојрански – кораб. Вториот ден се преградува едно парче и на тоа ќоше внатре се пуштаат птици. Тука веќе има риби и тоа е начин направен од рибарите, во едно време, кога немало ладилници, да може во период од еден месец и повеќе, додека трае мандрата, секој ден да се вадат свежи риби и да се носат на пазарот. Значи, за лов се користи периодот кога рибата се крие во трската, бидејќи таа има генетски код да се засолнува во тие места и со помош на кормораните се дотерува до последната преграда од каде се црпи богат улов, се сеќава Митко кој со години ја практикувал оваа техника додека работел за рибарското претпријатие “Дојранско Езеро”.

Не помалку вешти биле дојранските рибари и во уловот на крап. Митко Каракашев, некогашен вработен во истото претпријатие, гледајќи ги секојдневно рибарите, се сеќава дека краповите се фаќале со мрежа, со влечење со гриб и со усти, посебна алатка налик на вилата за сено, со која директно се заловувал пленот.

– Рибарењето беше многу тежок занает. Старите рибари знаеја да ги погодат и временските услови, имаа ориентација по облаците, по движењата во воздухот. Знаеја што им надоаѓа од Беласица, а што од грчка страна и проценуваа кога не се влегува во езерото, бидејќи постои опасност од силен ветер. Им беше познато дека во февруари, ако има сончеви денови, крапот ќе стане од дното кадешто лежи во трската. Ако се лови со гриб, кој е посебно изработена влечна мрежа со ортоми, таа се носи далеку со чамец и мајсторот рибар гледа дали има риби, па ја фрла, а делот што останува прострен по земјата на брегот, го држат со ортомите по 6-7 души од двете страни. Дното мора да биде чисто, и се што ќе се задржи во мрежата која е како еден вид корпа, ќе се извлече на брегот, раскажува Каракашев. Тој се сеќава дека рибарите секогаш на исти места го фрлале грибот, а тие локации биле под црквата “Св. Илија”, под одморалиштето на Црвен Крст во Стар Дојран и кај селото Николиќ.

Крапот се ловел и во вечерните часови, пред стемнување се поставувале мрежи на локација каде што рибарите знаеле дека рибата лежи и се крие.

– Потоа со алатката испол, односно мала дрвена црпалка, со која се вади водата навлезена во самиот чамец, рибарите чукаа на даската од чамецот. Одат покрај мрежите и чукаат за да ги исплашат краповите, да ги натераат да почнат да се движат и дел од нив ќе си влезат и во мрежата. Истата вечер ги вадат, уловот може да биде многу богат, а краповите се големи и по 10 до 20 килограми. Друга техника е фаќање со сп’кн или усти. Со оваа алатка која личи на вила директно се забодува крапот, но таа има на краевите и запци кои не дозволуваат рибата да избега. Секој не го биваше на овој начин да лови крап, затоа и рибарите беа поделени на категории, тие од прва категорија беа мајстори и имаа најголема плата, вели Каракашев.

Традиционалниот дојрански начин на ловење риба старите дојранци го наследиле од своите предци кои вака ловеле уште во турско време, а во делото на Костадин Кајдамов, “Дојран низ вековите” е наведено дека овој начин на ловење риба го има само во Кина и во уште некои други земји од Ориентот.

– Точно е дека како нас, во светот ловеле можеби уште само во Кина, но таму птиците ги врзувале со врвка околу вратот и ги пуштале да ја фатат рибата. Птиците поради стеснетото грло не можеле да го голтнат пленот, па така рибарите им ги земале рибите од клунот, вели Каракашев.

Денес Дојранското Езеро кое важи за едно од најстарите природни езера во Македонија се уште се користи за риболов, но без примена на некогашните техники.

Преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со јавен оглас лани е избран приватен концесионер кому му е доделена концесија за комерцијален риболов во езерото во времетраење од 12 години. Посетителите на Дојран и мештаните кои сакаат да купат риба тоа го прават директно од концесионерот, а во понудата се уште може да се најдат карактеристичните дојрански видови костреж, караш, црвеноперка, крап и сом.

Роза ШУЛЕВА за МИА