Ако навистина ѝ сакаме добро на државата и сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година Северна Македонија членка на ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело, порачува во интервју за „Цивил медиа“, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во пресрет на утрешната собраниска седница за уставните измени.

Маричиќ вели дека сега не е време за популизам и дека блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвораат простор за влијанија на трети страни.

– Бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива. Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ. А тоа не носи добро никому и не треба да биде ова цел на никој, поради било кои причини а најмалку политички, истакна Маричиќ.

Зеемја, како што посочува, сега е во фаза кога е членството во ЕУ е на дофат и тоа до крајот на декадата, шанса која не се пропушта.

– Сега треба да е целта на сите да останеме на европскиот пат и да ја впишеме Северна Македонија во новиот пакет за проширување во којшто ќе бидат Украина, Молдавија, Грузија и држави од Западен Балкан. Затоа уставните измени мора да се случат до крајот на ноември, да останеме во процесот и да обезбедиме континуитет на преговорите со ЕУ. Колку подолго сме надвор од процесот, толку полошо за економијата, за целокупната клима во државата и толку повеќе млади ќе ја напуштаат државата. Тоа понатаму ќе ја слабее довербата во институциите и ќе биде закана за стабилноста и просперитетот на државата, а тоа сум сигурен дека никој не го посакува и затоа верувам дека ќе успееме да ги завршиме заеднички обврските кои ги имаме на патот до членството во ЕУ, вели Маричиќ./