Голема кавга попладнево избувна во Собранието за време на седницата за пратенички прашања, а главна актерка во кавгата беше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, која го обвини вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ дека ѝ испраќал бакнежи и ѝ намигнувал зад грб.
Таа влезе во кавга и со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска за која рече дека наместо да даде одговор на прашањата, таа држела партиски говор.
– Јас не знам како не ви е срам. Бакнежи и намигнувања само по дома да си праќаш, лигав еден. На што личи ваквото несоодветно однесување на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ?! И моите колеги многу добро видоа што правеше Маричиќ. Мојот колега Никола Мицевски неодамна беше обвинет дека нападнал пратеничка, а што беше сега ова што го стори вицепремиерот? – рече Стојаноска.
Таа влезе во кавга и со министерката Тренчевска:
– Ни 10 минути не можевте да одговорите. Ќе зборувате за ВМРО-ДПМНЕ наместо за тоа што сте го сториле. Ова е скандал. Треба да одговорите што се случува со пензионерите, до каде се нивните пензии и до кога треба да излегуваат на улиците за да протестираат. Наместо да дадете вистински одговори, вие држите партиски говори – рече Стојаноска.