Наша обврска останува донесувањето на уставните измени. Не може да избегаме, колку и да одлагаме и поместуваме, по изборите и по не знам кои избори таа обврска ќе остане. Ние сметаме дека тоа треба да се заврши што поскоро и затоа ги пративме во собранието. Ќе работиме до последен ден од овој собраниски состав за обезбедување на 80 пратеници и мислам дека сите пратеници, пратенички групи и покитички партии треба да се свесни за својата одговорност, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Маричиќ нагласи дека пораките од ЕУ, кои претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, ги донесе во Скопје се јасни, дека имаме перспектива да одиме напред, дека имаме многу добра основа за развој, планот за раст е во таа насока, скринигот процесот е на крај.

Ако сакаме да продолжиме понатаму треба да ги завршиме обврските со уставните измени, нагласи Маричиќ, додавајќи дека уставните амандмани содржински никој не ги оспори, па дури ни ДПМНЕ, но ги оспоруваат само заради свои политички поени што скапо ќе ја чини државата.

Маричиќ рече дека не треба да се пропуштаат шансите за зачленување во ЕУ затоа што ДПМНЕ не е спремна да понесе одговорност, за ниту едно прашање.

Дали навистина вреди сами себе да се блокираме, да се отргнеме од групата на држави што преговараат, бидејќи една политичка структура смета дека не треба на досегашните 6-7 заедници, да имаме уште 4-5 заедици, меѓу кои и Бугарите во Уставот, со што конечно политички гледано ќе ја затвориме онаа теза што дел од бугарската политички сцена ја пласира  дека сме еден народ во две држави и јасно ќе направиме дистинција, истакна Маричиќ.

Маричиќ нагласи дека основниот страв на ДПМНЕ е губење политички поени, но ако се одеше по логиката на ДПМНЕ немаше да бидеме членка на НАТО, а сите се свесни колкава ќе беше опасноста во време на војна во Украина и Блискиот исток да бидеме надвор од НАТО.

Кај ДПМНЕ постои една лажна надеж дека може повторно да се преговара околу францускиот предлог. Илузија е дека тој процес може да се преотвори, рече Маричиќ, додавајќи дека ДПМНЕ не ја разбираат или не сакаат да ја разберат ситуацијата и се плашат да изгубат политички поени, но и по изборите обврската останува.

Маричиќ нагласи дека сите треба да бидат свесни што не очекува, ако сами себе да се блокираме да се отргнеме од групата на држави што преговараат.

Сите ќе отидат напред, а ние ќе останеме во место, а тоа во принцип е назадување, зошто 2030 е година кога ќе има нови членки на ЕУ, меѓу нив сигурно ќе бидат Молдавија и Украина, а кои балкански држави ќе бидат во таа група зависи од нивниот перформанс, однесување и работа во меѓувреме, а зошто Македонија да не биде меѓу нив. Имаме доволно лоши искуства да се надеваме дека времето работи за нас, дека некој друг ќе ни го реши проблемот дека проблемот ќе замине ако го игнорираме, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.

СДСМ, Центар за комуникации со јавноста