Никави задршки околу македонскиот јазик не смее да има во преговарачката рамка затоа што сметаме дека имаме право на тоа. Бугарија има своја позиција во однос на македонскиот јазик, но ќе видиме каков однос ќе изгради таа кон преговарачката рамка и кон тоа прашање, но тоа е предмет на разговори и преговори, изјави вечерва вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во Тема на денот на Сител ТВ.

Маричиќ вели дека нема друга црвена линија освен таа дека нема да отстапат околу тоа дека имаме право да говориме македонски јазик и тој да биде еден од нашите обележја. На тоа, посочува, не обврзува и Уставот и Декларацијата во Собранието и додава дека никој од нив нема друга намера.

– Важно е за нас да не стане процесот на европеизација, процес на билатерализација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања, рече Маричиќ, додавајќи дека важно е и ние, како и Бугарија, да имаме гаранции за работите кои ќе ги договориме дека ќе бидат спороведени и оти со нивното исполнување ќе биде отстрането ветото и на правилен начин ќе биде усвоена преговарачката рамка.

Во наредните денови, како што најави, со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе одат во Брисел на повеќе средби на кои, како што рече, ќе се разговараат повеќе прашања.

– Ние ќе се поставиме принципиелно дека сакаме да останеме приврзани за обврските кои ќе ги договориме, сакаме да имаме гаранции дека и Бугарија ќе ги спроведува и сакаме да се најде во преговарачката рамка само она што одговара на европските вредности, нагласи Маричиќ.

Говорејќи за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, Маричиќ вели дека во моментот кога ќе се отвори постапката како Влада се подготвени да разговараат за внесување на хрватската, црногорската и бугарската заедница во Уставот, бидејќи, како што појасни, не гледаат концептуален или политички проблем во нашиот систем да бидат вклучени во Уставот.

– Тоа дали ќе ги прошириме на уште три или уште пет, концептуално за нашиот политички систем не е никаков проблем. Подготвени сме до членството во ЕУ да го отвориме ова прашање и да го заокружиме како работа на нашиот систем со тоа што ќе ги внесеме и овие три заедници, рече Маричиќ.

Според него тоа треба да се стори пред пристапувањето во ЕУ и тоа, како што рече, е став и на Владата.

– Немаме проблем тоа да го направиме, кога и како допрва треба да се договориме, додаде вицепремиерот Маричиќ.

Во врска со неговата претходна изјава за немешање во малцинските прашања на други држави, Маричиќ дообјасни дека треба да се држиме до нашиот Устав и нашата политика која трае во континуитет.

– Ние прва одредба за немешање во внатрешните работи на други држави имаме потпишано со Декларацијата во 1999 година, каде стои формулација дека ништо од таа декларација нема да се сфати како мешање во внатрешните прашања на друга држава поврзано со оваа тема. Истата формулација е ставена во Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година, а ние во 2019 внесовме еден амандман 36 на Уставот каде велиме дека ќе се грижиме за идентитетот и културната посебност на македонскиот  народ и другите народи кои живеат во РС Македонија и за нашите државјани надвор од границите на државата. Така што, секој кој се декларира на определен начин тоа треба да се уважи, но малцинскиот статус на која било заедница, или малцинство во која било држава не е наша работа, наша работа е да ги дефинираме етничките заедници во РСМ, истакна Маричиќ.

Тој дополни дека нашата држава не барала ништо низ годините од Бугарија. Македонците во Бугарија, кои создаваат свои структури таму, се обраќале и до бугарските и до европските институции и тоа е патот за остварување на целите, смета вицепремиерот Маричиќ.