После Блед мислам дека 2030 е реална година за влез на нашата земја во ЕУ, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21.

Тој ова го кажа во врска со изјавите на Шарл Мишел и Емануел Макрон.

– После Блед мислам дека 2030 е реална година. Да следуваат 5-6 години преговори, потоа ратификација на договорите и на крај членство. Тука се Украина и Молдавија, земји со големо стратешко значење, но и државите од Западен Балкан кои се надеваат 20 години. Притисокот е преголем, моментот е вистински, и неслучајно сега доаѓаат изјавите на Мишел и Вархеи кои кажаа дека 2030 година е реален рок. Конфузијата настанува од оние кои сакаат да најдат лоша вест во добрата вест, влакно во јајцето, нешто во кое ќе се разочараме. Изјавата е пресвртница и треба да ја искористиме, вели Маричиќ.

Тој кажа дека говорот на Макрон „Европа во повеќе брзини“ не е ништо ново.

– Макрон тоа што го кажува не е нова идеја. Јас деновиве читав за да се потсетам, уште во 1994 година на заедничка прес-конференција тогаш на Митеран и Кол, се зборува за Европа во повеќе брзини, а тоа е идеја претставена пред се од француските политичари, дека одредени држави членки не се подготвени секогаш да одат подлабоко во интеграцијата. Во тоа време Британија, Шведска и Данска не сакале да го воведат еврото, а Шведска и Данска денеска и натаму не го користат еврото. Ние можеме побрзо да пристапиме кон ЕУ, а да ги немаме сите оние права и привилегии веднаш, туку етапно да ги добиваме, изјави Маричиќ.