Успешната завршница на скрининг процесот и Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан беа во фокусот на разговорите во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (НЕАР), Герт Јан Копман.

Маричиќ и Копман на синоќешната средба оценија дека Планот за раст претставува премостлива фаза од крајот на скринингот до отворањето на Кластерот 1, преку инвестиции и реализација на реформи, со кои граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од ЕУ и ќе ја приспособат државата за полноправно членство во Унијата.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Планот за раст претставува најамбициозен механизам на Европската комисија во досегашниот процес за интеграција на земјите од Западен Балкан, со кој првпат ќе имаме можност да користиме резервирани парични средства за спроведени реформи.

Планот за раст предвидува инвестиции во реформите во земјите од регионот, нивно интегрирање на заедничкиот пазар на ЕУ и интеграција на регионалните пазари преку реформи и инвестиции, за што е предвиден европски фонд од шест милијарди евра. Тој треба да овозможи забрзување на реформите, економскиот раст и да ја поттикне многу потребната социо-економска конвергенција меѓу земјите од регионот и ЕУ.

Ваквата конкретна финансиска и политичка инвестиција на ЕУ во државите од Западен Балкан, треба да претставува поттик од страна на Унијата и поддршка за забрзување на членството на Македонија во блокот до 2030 година.

Вицепремиерот Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со ЕУ, денеска ја завршува работната посета на Брисел со учество на петтиот состанок на Стратешкиот одбор на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ).

Фото: СЕП