За разлика од ставот на министерот Османи дека Бугарија и понатаму ќе испорачува нови барања за Македонија во евроинтеграциите, вицепремиерот Маричиќ останува оптимист – дека по промена на уставот не се очекуваат нови пречки.
Тој вели можноста за вето ја имаат сите земји-членки, но најмалку кредибилитет има Бугарија да поставува дополнителни услови за Македонија.
Маричиќ го повтори владиниот став- се додека не се обезбеди сигурно двотретинско мнозинство, седницата за уставни измени ќе биде ставена на чекање. Од друга страна, покрај македонските, и албанските опозициски партии најавуваат дека ќе бидат против. Ставот велат дека ќе го променат само доколку при ова отворање на уставот се смени формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.
Ако се остварат најавите на албанскиот политички блок дека нема да ги поддржат уставните измени, дополнително се комплицираат плановите на власта, на која според последните пресметки и недостасуваа околу осум пратеници.