Нашиот успех се мери со степенот на подобрување на животот на жените, порача денеска претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска во Кавадарци, по одржувањето на марш, по повод меѓународниот ден на жената, 8 Март.
– Успеавме да го зголемиме значително бројот на жени на одлучувачки позиции на централно и локално ниво. Денес зборуваме за 50/50 учество на жената во политиката. Отворивме и решивме бројни прашања кои беа табу тема во општеството. Гласно проговоривме за насилството врз жените, ја унапредивме состојбата со репродуктивното здравје на жената, се изборивме самостојно жената да одлучува за своето тело, да станува економски се понезависна и да стане активен чинител во креирање на прогресивните политики во земјата. Од скромни бројки дојдовме до видливо респектабилни резултати. Така од седум жени пред 25 години, денес имаме 51 жена во парламентот, рече Тренчевска.
Таа нагласи дека во Владината коалиција, од вкупно 10 министри на СДСМ, има пет жени министерки, клучни институции во државата денес се раководени од жени, се поголем е бројот и на жени менаџерки кои успешно раководат и се справуваат со сите економски предизвици. Тренчевска подвлече дека е унапредена положбата и на жените од рурални средини.
– За прв пат во историјата на државата воведовме право за надоместок за мајчинство на жената земјоделка. И не само тоа, успеавме да обезбедиме пристап до многу фондови со кои жената земјоделка станува понезависна и вклучена на пазарот на труд. Од 8.000 денари ја зголемивме минималната плата на 22.500, од што најголем бенефит имаат жените работнички во текстилната и кожарската индустрија. Континуирано создававме услови за поголемо вклучување на жената на пазарот на труд преку изградба на нови градинки на цела територија на државата, за што зборува фактот дека во изминатите шест години отворивме 83 нови градинки и за прв пат во голем број на рурални средини, додаде таа.
Тренчевска посочи дека годинава се одбележуваат 80 години од формирање на АФЖ и 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.
– И неслучајно сме овде во Кавадарци, град синоним на почетоците на формирањето на АФЖ. Имено во Кавадарци во пролета 1943 година е оформена првата група на организирани жени борци, кои ги поставија темелите на женското движење. Во декември 1944 година АФЖ е конституирано и се рашири мрежата на женски организации ширум земјата, рече Тренчевска.
Таа искажа благодарност до сите кои се вградија во борбата за поставување на темелите на државата и во дефинирање на новата улога на жените во општеството. Тренчевска упати порака за обединување на сите жени без разлика на политичка, етничка или било каква припадност, да се продолжи борбата за зачувување на постигнатото и продолжување до целта, еднаквост на жените и мажите во општеството. Да се избере патот што ќе донесе прогрес за жените, нивна поголема видливост, препознатливост, вклученост и еднаквост.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека инвестирањето во родовата еднаквост, во жените, носи само добро за државата, носи побрз развој, носи прогрес, носи подобро општество за сите, зајакнувањето на жените и општествениот и економски раст на државите се тесно поврзани.
– Во мојот мандат како премиер, министрите од СДСМ беа 50 отсто жени, а имавме висока застапеност на жени на раководни позиции, на што сум исклучително горд. Мојот кабинет беше 90 проценти составен од жени. Тоа што имав успех во мојот прв мандат, можам без ниедна задршка да кажам дека се должи и на тоа што жени имаа клучни улоги, на клучни позиции, во клучни моменти. Затоа, во вториот мандат, планирам да го задржам истиот принцип и да направам и уште повеќе, затоа што сакам што побрзо да дојде денот кога ќе ја имаме првата премиерка или првата претседателка на државата од нашите редови, денот кога жените ќе бидат еднакво застапени секаде, денот кога девојките и жените ќе се безбедни и слободни да бидат тоа што се и да придонесуваат подеднакво за подобар живот за сите, нагласи Ковачевски.
Тој истакна дека СДСМ е предводник на концептот 50-50 на листите за пратеници во Собранието и советници во локалната самоуправа
– Во партиските органи и тела на СДСМ жените и мажите подеднакво се застапени. Министерските позиции на СДСМ во Владата се 50 отсто жени. Учеството на жените на извршни функции во моментот е 40 отсто, целиме да е 50 проценти. Работиме на стратегија за поголемо учество на жените на градоначалнички позиции и првичниот таргет е 30 отсто, подвлече Ковачевски.
Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, повика, да зборуваме, не за битка за права на жените, туку за моќта на еднаквоста и за придобивките од вклученоста на жените во општеството, затоа што жените се силни, вредни, неопходни.
Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ рече дека се оддава почит за силата на жената, за нејзиното историско револуционерно и партизанско наследство, почит и на постојната борба за подобро утре, за европска држава.
– Кога говориме за херојство, дадените жртви и постигнатите победи, да се потсетиме и на нашите секојдневни денешни хероини. Тоа се жените кои ги среќаваме секој ден. Дома, на работа, насекаде. Единство, солидарност и потсетување дека борбата за родова еднаквост оди рака под рака со пошироката борба за правда и слобода со борбата за подобро утре, нагласи Зечевиќ.
За време на маршот, свое обраќање имаа и пратеничките Даниела Колева и Лолита Ристова.
– Социјалдемократијата е борба за хумано и праведно општество. Нашата борба е заедничка и затоа и оваа година солидарно и храбро, рамо до рамо чекориме за рамноправност, за еднакви можности, за општество без стереотипи и насилство. Заеднички, гласно, ја продолжуваме борбата на нашите претходнички и маршираме кон победа и успех, затоа што успехот е во солидарноста, во поддршката, во моќта што секоја жена ја има во себе. Денес во моето Кавадарци, застануваме цврсто за секоја една жена, на секое место во секое време, рече пратеничката Даниела Колева.
Постигнавме 50-50 жени и мажи на кандидатските листи за пратеници и советници, рече Ристова.
– На повидок е измената на Изборниот законик за гласање 30% од помалку застапениот пол на кандидатските листи за градоначалници. Реализиравме дел од нашата агенда и нашето програмско ветување за 5% ДДВ на производите за менструална хигиена. Најдовме и поддржавме решение за поддршка за породилно отсуство на руралната жена. Донесовме и поддржавме многу мерки за руралната жена за поголема економска независност и модерно земјоделие. Продолжуваме во нашата борба за родовата еднаквост. За повеќе жени во извршната власт и таму каде што се носат важните одлуки, истакна Ристова.