Понекогаш се чувствувам како овчарка која внимава на сè што се случува во стадото, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос пред студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица, каде вчера одржа предавање.
Кос за време на посетата на Црна Гора, каде ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес, даде неколку изјави за процесот на европска интеграција на земјата, нејзините политички лидери и за улогата на Европската Унија во спроведувањето на реформите. Особено внимание привлече нејзината споредба со овчарка која го надгледува стадото, со која ја опиша својата улога во односите со земјите кандидатки за членство во ЕУ.
Еден студент ја праша дали ЕУ може да ја поттикне црногорската влада во развојот на судството и во конфликтот со духовите од минатото, а таа одговори дека независниот судски систем е многу важен и дека политичарите порано имале многу привилегии.
– Треба да им кажете што да прават, тие ве слушаат… Понекогаш се чувствувам како овчарка, која бдее над сè што се случува во стадото. Имам многу моќ во оваа улога, но вистинската трансформација се случува само кога луѓето ја чувствуваат – им рече Кос на студентите.
Таа нагласи дека Европската Унија може да поставува услови, да ги следи реформите и да врши притисок, но не може да ја замени волјата на граѓаните ниту да ги отстранува политичарите од функциите. Според неа, одговорноста за демократските процеси и за спроведувањето на реформите пред сè е во рацете на самата Црна Гора.
Денеска пред почетокот на самитот во Будва еврокомесарката Кос нагласи дека Црна Гора е земјата што ја посетила најмногу оваа година, „што е нормално, со оглед на тоа што Црна Гора е лидер во процесот на пристапување кон ЕУ“.
– Секогаш со нетрпение очекувам да го видам напредокот на земја која е решена да стане членка на ЕУ. Пред нас се недели и месеци клучни моменти. За Црна Гора, одлучувачкиот момент ќе биде преминувањето на целната линија во процесот на пристапување. За Србија тоа ќе бидат избори во недела. За Албанија ќе биде клучно да го одржи темпото на европскиот пат, а за Косово одлучувачкиот избор ќе биде да продолжи по пат што е во согласност со меѓународното право и со владеењето на правото. Затоа мислам дека е многу добро што лидерите од регионот, како и претставниците на целиот Берлински процес, се собираат денес во оваа прекрасна земја, во Црна Гора – рече Кос.




