Велика Британија мора итно да објасни какви промени сака во договорот за Брегзит, во делот околу „заштитните механизми“ за избегнување цврста граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска по нејзиното истапување од ЕУ, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

Тој нагласи дека во моментов е најважно тоа што британскиот Парламнет вчера се изјасни против истапување на Велика Британија од ЕУ без договор.

– Но, британската Влада се уште не наведе какви измени предвидува за границата со Северна Ирска. Сега мора итно да каже што сака, бидејќи времето истекува, изјави Мас.

Шефот на германската дипломатија нагласи дека иако ставот на ЕУ оти постигнатиот договор за Брегзит е „најдобро и единствено решение за регулирано“ истапување на Велика Британија од Унијата, Брисел сепак е подготвен за разговор.

– Што се однесува до границата со Северна Ирска, Германија и целата Европска унија цврсто стојат на страната на Ирска и нема да дозволат таа да остане изолирана по тоа прашање, додаде Мас.

Британскиот министер за Брегзит, Стивен Баркли претходно денеска изјави дека Велика Британија бара алтернативно решение за „невидливата граница на островот Ирска“ во договорот за Брегзит.

Британскиот Парламент вчера освен што се изјасни против Брегзит без договор, реши и британската премиерка Тереза Меј повторно да преговара за условите за напуштање на ЕУ, пред се во делот за т.н. „невидлива граница на островот Ирска“, која спречува создавање цврста граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

– Динамиката синоќа се смени и сега и дава јасен мандат на премиерката Тереза Меј да се врати во Брисел, изјави Баркли за Радио Би-Би-Си.