Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис изутрината пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје.

По пречекот на аеродромот Матис заминува во Владата на средби со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а потоа е предвидено заедничка изјава за медиумите

Американскиот секретар за одбрана Матис претходно неделава најави дека ќе ја посети Македонија за да изрази поддршка за претстојниот референдум за смена на името, но како што е соопштено, и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија.

– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација, рече тој.

Прв пат во изминатите 14 години американски секретар за одбрана ќе ја посети Македонија.

– В понеделник во посета ни доаѓа првиот човек на Пентагон, првиот човек на најмоќната армија во светот Џејмс Матис, што се случува првпат во последните 14 години. Заборавивме како изгледа посета на министер или секретар за одбрана на САД, иако оваа држава е наш стратешки политички и воен партнер. Тоа покажува колку е голем интересот за нас, изјави министерката Шекеринска.