Американскиот претседател Доналд Трамп се налутил затоа што телевизорот на неговата сопруга Меланија во претседателскиот авион бил вклучен на Си-Ен-Ен за време на едно од последните патувања во странство, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Трамп бил незадоволен поради тоа што персоналот го прекршил правило, според кое телевизорите на сите лица од Белата куќа во претседателскиот авион треба да бидат наместени на телевизија „Фокс“, која тој ја претпочита, а не на Си-Ен-Ен за која вели дека емитува само „лажни вести“.

Повикувајќи се на преписка преку електронска пошта меѓу вработените во Белата куќа, весникот тврди дека лутиот испад на Трамп предизвикал непријатна ситуација и вознемиреност во претседателскиот авион.