Едвај чекам в година, од први јануари, да ги укинам организациските двојни директори во Клиниките и да поставам еден генерален на цел Клинички центар и не ме интересираат политичките притисоци, кажа министерот за здравство Фатмир Меџити, откако пред неполни два месеца именува нови во неколку болници, пренесува Канал 5.

Тој најави дека од Владата ќе побара „амин“ за ваквата идеја да не остане само план на хартија, а посочи и дека на шест месеци бара отчет од сите директори, па ако не изменаџирале како што треба, ќе се врателе од каде што дошле без разлика на која партија ѝ припаѓаат.

-Тоа се организациски директори, едвај чекам тоа да се случи, верувајте. Сметам дека многу транспарентно, ефективно и квалитетно ќе биде така понатаму. Нема да имаме загубари како што се заеднички служби што се загубари со 20 милиони евра, не знаат што работат, а тогаш ќе се знае се точно, ќе се набавуваат работите количински и со поевтина цена, а ќе има подобра соработка помеѓу клиниките. Не измислувам „топла вода“, така функционирало пред 20 години, така ќе продолжи бидејќи било добра работа. А во однос на прашањето за политички притисоци, воопшто не ме интересира, бидејќи, патот кој не води кон ЕУ и скрининзите, амбасадорот на ЕУ, ова го бараат како скриниг, ако се стремиме кон тој пат кон ЕУ, друг начин немаме – вели Меџити.

Ако планот на Меџити успешно се реализира, по груба математика според која месечно еден организациски директор зема од 1000 до 1500 евра плата, или триесетина – околу 40.000 евра, државата годишно може да заштети околу половина милион евра.

Во меѓувреме, министерот ја критикува бирократијата, на која ѝ ги препишува досега нереализираните негови идеи. Па, со пример раскажа оти се соочил со секојдневниот македонски проблем – „никој не е надлежен за ништо“ кога кај Максилофацијална хирургија имало дупка.

-Се јавуваме ваму, таму, Центар, Град Скопје, никој не бил одговорен. Велам, ало, ќе падне некој, ќе се искрши, кој ќе биде одговорен? Кој за тоа ќе одговара? Јас ли? Пратив јас луѓе најдов, за да го средиме. Знаете, тоа е нашата мила држава, изјави Меџити.

Меџити до крај на годинава најавува и крај на хаосот со паркингот со изградба на монтажни гаражи. Градски паркинг веќе еден месец не е управител со него, а кој понатаму ќе раководи и дали приватна фирма ќе гради гаражи не се знае. Тоа ќе зависело од понудата – кој најквалитетно и најбрзо ќе каже дека може да изработи – тој ќе бил избран.

.