Го повикувам да биде национален советник за кардиохирургија, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити за проф. д-р Сашо Јовев, кого пред неколку дена го разреши од функцијата.

– Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката за кардиохиругија. Ќе ја има мојата посветеност и поддршка во натамошното работење, изјави Меџити за сменетиот директот на Клиниката за кардиохирургија кој прв во Македонија изведе трансплантација на срце.

Меџити не одговори на прашањето дали ќе ја ревидира својата одлука за Јовев да се врати на директорската функција, туку рече само дека „тој ќе остане вработен“.

Министерот Меџити најави дека ќе бара зголемен буџет за Клиниката.

– Целта е Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат позитивно и да ги зголемиме резултатите, додаде Меџити.

Тој предупреди дека нема да дозволи нерегуларности и неработење од страна на директорите на клиниките. Најави дека ќе има и други смени.

– За секој што ќе згреши пред законите, ќе има одговорност, без компромис. Ова здравство не функционира, јас сум автокритичен. Вложивме многу труд и напор, правиме сè за да ги подобриме условите, рече Меџити.

Јовев вчера изјави дека целата работа не почнала како политички реваншизам, туку како суета, но додаде деке е очекувано да се претвори во политички пазар.