Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ на својот фејсбук профил денеска објасни дека зборот манипулација кој го кажал утрово во интервју на „Утрински брифинг“, бил погрешно протолкуван. Како што посочи, не се работи за прикривање на бројки, туку за начинот на кој се интерпретираат бројките во јавноста.

– Во денешното гостување на Утрински брифинг на прашањето за високата смртност во нашата земја од ковид одговорив: „Има статистики кои се водени од претходната комисија за заразни болести кои сериозно ќе ги разгледаме, затоа што да имаше манипулација со бројките, но апсолутните бројки укажуваат на тоа дека сме на 6 или 7 место по смртност”. Би сакал да појаснам, пред се поради големиот интерес на новинарите што точно значи “манипулацијата” со бројките. Не се работи за манипулација на бројките од страна на претходната Комисија за заразни болести, туку за начинот на кој се интерпретираат бројките во јавноста, напиша Мехмедовиќ.

Тој потенцираше дека Комисијата за заразни болести водела точна евиденција согласно препораките на СЗО за смртноста и не станува збор за манипулации на тие бројки, туку за манипулациите и дезинформациите во јавноста поврзани со смртноста за која основната причина е ковид.

-Дoлго време се разговарало на темата дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај кај кои е посмртно докажан присуство на коронавирусот, а тоа може да биде и причина за големата смртност, и тоа е нешто за што ќе се отвори дискусија на КЗБ, пишува Мехмедовиќ на Фејсбук.

Напомена дека зборот манипулација бил погрешно употребен и требаше да биде дообјаснет, на Комисијата за заразни болести, при што се извини за недоразбирањето.