Американскиот претседател Доналд Трамп наводно вршел тестови за Ковид-19 неколкупати дневно и е посочен како „најтестираниот човек во Америка“.

Ова денеска на редовниот прес брифинг го изјави  портпаролот на Белата куќа, Кејли Мекенани, во одговор на прашање од новинар зошто Трамп не е доследен во носење маска кога се појавува во јавноста.

Претседателот вчера на Твитер сподели фотографија со маска со порака дека „многу луѓе мислат дека носењето маска е патриотски чин“, но на собир во неговиот хотел во Вашингтон синоќа се појави без маска.

Мекенани го одбрани Трамп со одговор дека неговото носење маска зависи од тоа колку  често тој се тестира.

-Тој го прави тоа неколкупати дневно, изјави Мекенани. Додаде дека претседателот е доследен во врска со носењето маски уште од почeтокот на пандемијата.