Поништувањето на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија се крајна цел што ја истакна адвокатот Тони Менкиноски во правната борба со институциите, откако министерот за правда Никола Тупанчевски денеска навести дека ќе се почитува судската одлука со која се поништува решението за забрана за користење на терминот „Македонија“ при регистрација на правни субјекти.

– Министерството мора да ја почитува судската одлука. Ние ќе одиме до крај и пред меѓународните судови. Употребата на името „Македонија“ е право на македонскиот народ. Војната ќе биде добиена кога ќе бидат анулирани сите договори што се на товар на македонскиот народ. Тука спаѓаат Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, категорично порача Менкиноски кој го застапува тужителот Димитар Џундев во конкретниот процес.

Управниот суд вчера донесе одлука со која се поништува решението на Министерството за правда потпишано од претходниот министер Бојан Маричиќ, со кое не му дозволи на здружението „Млади за Македонија“ да се регистрира под име кое го содржи терминот „Македонија“. Тупанчевски, нагласи дека сѐ уште не ја видел судската одлука, но оти Министерството за правда ќе ја почитува.

Министерството за правда има рок од 60 дена по пресудата да донесе ново решение за употребата на терминот „Македонија“.

Извор: Нова Македонија