По денешните информации на германската агенција ДПА дека Франција планира да го блокира почеткот на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ, Дојче Веле пишува дека во германската влада им контрираат на француските тврдења со став дека двете земји ги исполниле сите услови кои од нив ги бараше Европската комисија. ДПА констатира дека блокадата ќе биде особено горчлива за Македонија која во меѓувреме се согласи да го промени своето име со цел да напредува во ЕУ интеграциите.

Но, Берлин, не е единствениот кој на францускиот потег гледа со неразбирање и лутина, пишува ДПА, а пренесува Дојче Веле, дополнувајќи дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.

„Оној кој сега ќе го блокира процесот на пристапување ќе сноси одговорност за можната дестабилизација на нашето соседство“, вели дипломатски извор на ДПА.
Последната шанса за промена на францускиот став се очекува да биде средбата в недела меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.