Аргентинскиот селектор Лионел Скалони му оддаде признание на Лионел Меси, обелоденувајќи дека капитенот настапил повреден во триумфот (1:0) над Бразил во финалето на Копа Америка во Рио де Женеиро.

– Ако знаете што се поднесуваше и начинот на кој го одигра Копа Америка ќе го сакате уште повеќе, им изјави Скалони на новинарите по победата на Аргентина на стадионот „Маракана“.

– Никогаш не можете да играте без фудбалер како него, дури и кога не е во најдобра форма или е повреден, додаде Скалони, кој не изнесе повеќе детали за повредата на Меси во ноќта кога Аргентинците масовно излегоа на улиците за да ја прославата првата титула по пауза од 28 години.

Меси и неговиот поранешен соиграч во Барселона, Бразилецот Нејмар, ја поделија нагрaдата најдобар фудбалер на Јужноамериканското првенство.