Метеор кој влегол во атмосферата и експлодирал над брегот на Масачусетс предизвикал силен ударен бран и гласен тресок што бил слушнат низ поширокото подрачје, соопштија американските служби.

Според податоците на Американското метеорско друштво и НАСА, објектот се распаднал во атмосферата на висина од околу 64 километри над североисточен Масачусетс и југоисточен Њу Хемпшир. Енергијата ослободена при тој процес се проценува приближно до 300 тони ТНТ.

Случајот бил регистриран во исто време кога бројни жители од североисточниот дел на САД пријавиле појава на светлосен феномен на небото, односно огнена топка, која била видлива од Бостон, преку Ипсвич, па сè до делови на Лонг Ајленд, вклучително и Џонстон.

Податоците од сателитските системи за детекција на атмосферски електрични празнења на Националната управа за океани и атмосфера (НОАА) дополнително покажале сигнал што временски се совпаѓа со пријавениот звук, што ги поттикнало службите да заклучат дека станува збор за распаѓање на метеор во атмосферата.Од НАСА појаснија дека, иако бил регистриран силен звук, објектот не стигнал до површината на Земјата во форма, туку се распаднал во повисоките слоеви на атмосферата.

Се чини дека метеорот се распаднал на споменатата висина, а ослободената енергија е доволна да го објасни силниот тресок што го пријавија жителите, се вели во соопштението на агенцијата.

Експертите додаваат дека доколку некои фрагменти стигнале до површината на Земјата, најверојатно би завршиле во океанот, со оглед на тоа што голем дел од површината на планетата е покриена со вода, што значително ја намалува можноста за нивен судар.Ваквите настани ретко резултираат со пронаоѓање метеорити на копно, особено кога се случуваат над крајбрежни области.

– Во изминатите месеци се забележани и други слични појави во САД, вклучително и експлозија на метеор над Охајо и инцидент во Тексас, каде што еден фрагмент наводно предизвикал материјална штета по пробивање на покрив од куќа, изјавила Шона Едсон, едукатор во Националниот музеј за воздух и вселена „Смитсонијан“

Според експертите, Американското метеорско друштво бележи зголемена фреквенција на пријави за огнени топки и звучни експлозии во првите месеци од 2026 година.Настанот во Масачусетс се случил само еден ден по пријавите од жителите на Јужна Каролина за силен ударен звук, кој првично бил протолкуван како земјотрес. Вселенските и геолошките агенции нагласуваат дека објектот кој влегол во атмосферата бил од природно потекло. Односно дека не станува збор за вселенски отпад или сателит.

Фото: Јутјуб – принтскрин