Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од владејачкото мнозинство веднаш да закаже итна пленарна седница на која, како што велат, заедно ќе ги разгледаат и едногласно ќе ги изгласаат законите од петти пакет мерки поврзани со финансиска помош на граѓаните и компаниите.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој посочи дека економијата и бизнис секторот „немаат време за чекање, за политички сплетки и за политиканство, а помошта е потребна веднаш и без одложување“.

– Зад мене се присутни пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои се подготвени да бидат присутни и да дадат целосна поддршка за овие закони доколку власта конечно се вразуми и се одважи да ја закаже седницата. Апелираме уште еднаш да престанат политичките игри, пазарења и тактизирања врз грбот на граѓаните и стопанството и уште веднаш, уште денеска да се закаже седница, да ги изгласаме законите од т.н. петти пакет на мерки за финансиска помош на граѓаните и стопанството, изјави Мицевски.

Тој додаде дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе бидеат присутни во Собранието, а сега, како што рече, на потег е власта.

Мицевски рече дека претседателот на Собранието не е во состојба да поставува услови и посочи оти ВМРО-ДПМНЕ ќе делува институционално, но, како што рече, нема да му прави кворум на владејачкото мнозинство.

– Неколку пати најавувам дека е потребно да се организираат посебни ковид седници на кои брзо ќе бидат изгласани законите од здравството и еномијата кои се во интрес за спречување и намалувањето на пандемијата. Тоа не се случи. Деновиве слушам, а така сте брифирани и вие медиумите дека седницата е закажана со овие точки на дневен ред, што не е точно, изјави Мицевски.

Тој додаде дека има можност денеска на паузата на седницата на Собранието на чиј дневен ред се пратенички прашања, да биде закажана 37. седница со овие четири точки.

– Ви гарантирам дека Комисијата за финасирање и буџет која ја води ВМРО-ДПМНЕ ќе биде закажана, на која би можело да поминат овие пакет мерки. Зошто власта се уште се однесува политакнтски кон петтиот пакет мерки, ќе ги прашате нив, рече Мицевски.