Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе поднесе Предлог-закон и дополнување на Законот за пратеници со кој пратениците ќе имаат само македонско државјанство. Предлогот на опозициската партија доаѓа еден ден откако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов на Фејсбук објави список на имиња со бугарски пасоши, кои, според него, се совпаѓаат со дел од членовите на партијата, што ВМРО-ДПМНЕ остро го демантираше.

-Во врска со наводните бугарски пасоши на пратениците и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, со цел задскривајќи ги аферите и скандалите кои што ги има власта, за да ги прекинеме димните завеси кои што ги крена најдобриот пријател на Зоран Заев, Каракачанов кој што шири лажни вести, редно е да заврши времето во кои што Заев ги донесе македонската политика и македонските политичари до потсмев како што вели Каракачанов и од таа причина поднесуваме Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратеници, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Наведе дека измените во предлог законот се во два члена и тоа во условите за избор на пратеници каде што, како што рече, додаваме нов член во кои велиме дека за лицето да биде избрано за пратеник треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на Република Македонија.

Според него, ваков услов има и во Законот за надворешни работи и оттаму бараат оваа одредба од членот на овој закон да се усогласи со Изборниот законик во рок од триесет дена по влегувањето во сила.

-Овој предлог закон го потпишаа сите пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и ги повикуваме пратениците од СДСМ и од другите политички партии да го поддржат ова законско решение како би можеле да ставиме крај на темата и во наредниот период изборот на пратеници да биде од лица кои што ќе имаат само македонско државјанство, истакна Мицевски.

Појасни дека доколку законското решение се донесе во наредниве денови со усогласување во Изборниот законик во наредните триесет дена, ова да важи и за овој пратенички мандат.