МИЦКОСКИ: Ако имаа чесни намери со пописот, зошто им е потребен двоен-врзан потпис!

/ 14.01.2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва за Сител изјави дека уште во 2019 година, кога почнаа да доаѓаат сигнали од Софија за можна блокада на нашата земја, побарал од државниот врв да се изгради национален консензус во однос на комуникацијата со Бугарија и процесот на интеграција во ЕУ.

„Тогаш ми велеа нема потреба од тоа Христијан. Тоа е поради локалните избори во Бугарија. Затоа сега не знам за што би можеле да разговараме по тоа прашање. Зошто да разговараме – за да ми кажат дека Бугарија не блокираше“, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека 17 пати барал лидерска средба, но дека сега веќе не гледа причина зошто би разговарал со премиерот Зоран Заев или со претседателот Стево Пендаровски за случувањата на релација со Софија, кога, според него, земјата е доведена во ќор-сокак.

„Јас немам комуникација со Заев. А, ако Пендаровски решил да му слугува на Заев и да прогласува вонредна состојба кога нему му одговара, јас не гледам зошто би градел доби односи со него“, изјави Мицкоски.

Тој зборуваше и за пописот, односно за иницијативата што ја најави за поништување на законот за попис. Посочи дека се потребни минимум 10 илјади граѓански потписи за иницијативата да биде доставена до Собранието како предлог-закон. Рече дека не би се изненадил и ако парламентарното мнозинство реши да не го стави предлогот на дневен ред.

„Потребни се најмалку 10 000 граѓански потписи, но ние ќе собереме коклу што можеме повеќе, затоа што не сме против попис како статистичка операција, туку сме против политички попис, за кој не се знае ниту методологијата според која би бил спроведен. Ако власта одлучи да не го стави на дневен ред законот за поништување на законот за попис, тогаш ќе се конфронтира со илјадници наши граѓани“, рече Мицкоски.

„Кажете ми втор пример во светот каде што има држава со двоен потпис. Еве да веруваме дека намерата е таква какво што е. Дека не треба ова да биде на штета на еден или друг, туку да веруваме дека намерата за попис е најчесна, зошто на крај е потребен двоен потпис? Тогаш ќе стиснеме ентер, еве јас сум инженер точно знам како работат сметачките машини и софтверите, патем речено сум и програмер, ќе стигнам ентер и ќе излезат податоци на печатач, зошто мора да имаме двоен попис? Ако не е политичка операцијата?“, праша Мицкоски.

Што се однесува до односите со Бугарија, тој истакна:

„Јас уште во октомври месец кажав дека има дополнителни барања и дека тие барања се формулирани како нон пејпер, патоказ или анекс и тогаш бев прогласен дека ширам лажни вести. Има 12 дополнителни барања од страна на Бугарија, но Заев и власта ги кријат од македонската јавност. Тоа го кажа и потпретседателот на владата во соседна Бугарија, тоа го кажа и министерката за надворешни работи во соседна Бугарија дека има дополнителни 12 барања и сега што правиме? Зошто македонската јавност тие барања не ги виде, не заслужуваме? Зошто во јули не излегоа на избори да речат ние сме подготвени да потпишеме дополнителен нон пејпер или анекс на договор со Бугарија кој што ќе опфати тоа и тоа, додава Мицкоски.

 


Од истата категорија