Немам дилема за предвремени избори. Парламентот е место каде што може да се побара тоа, ние сме секогаш подготвени за избори – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новиот извештај на Светската банка – „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“.
– Оваа Влада има мандат четири години и ние работиме за мандат од четири години. Доколку опозицијата вели дека, еве, не чинело ова, не чинело она, секој ден имаат прес-конференции, тоа значи дека, ако има утре предвремени избори, тие ја добиваат довербата на граѓаните, освојуваат 60 пратеници, ја водат владата и сите ќе нè апсат. Еве мене ќе ме апсат, Владата… сме биле организирана криминална група, ќе менувале сè, ќе носеле подобра економија – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека доколку опозицијата е сигурна оти она што го прави Владата е лошо и граѓаните не го поддржуваат, слободно може во парламентот да поднесат иницијатива за распуштање на Владата.
Во одговор на прашањето за барањето на опозицијата за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека тој процес треба да се води во рамките на социјалниот дијалог меѓу работниците и работодавачите.
– Ова прашање што вие го поставувате е од опозицијата која ја уништи, ја ограби Македонија, опозиција што нема никаков кредибилитет – ниту јавен ниту политички, опозиција што во моментот е заглавена во своето политичко мочуриште и опозиција што мислам дека уште долго време ќе се наоѓа на маргините на политичката сцена. Инаку, да, јас сум за зголемување на минималната плата, за зголемување на сите плати, но исто така тој процес треба да се води во рамките на социјалниот дијалог помеѓу работниците и работодавачите – одговори Мицкоски во изјава за медиумите. (МИА)




