На денешната прес конференција на која го објави преминувањето на ФРОДЕМ во ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски беше прашан и за изјавата дека Захариева побарала од Бујар Османи нов договор, по што министерот за надворешни работи реагираше и побара од Мицкоски да му се јави телефонски. На прашањето во врска со ова, Мицкоски одговори:

Видете, како политичка партија прво имавме став по таа би рекол помалку несмасна и несреќна изјава на господинот Османи. Со жалење, морам да кажам дека е таква изјавата. Навистина очекувам малку повеќе политичка култура од него. Ставот беше следен, а тоа е дека вака сериозни прашања не се решаваат по телефон. Вака сериозни прашања се решаваат на лидерска средба на маса. Еве, ја користам оваа прилика да ги повикам лидерите на релевантните политички партии, не зборам за оној кој што ги организираше претходните лидерски средби кои што завршуваа со фијаско, туку релевантните политички партии, да седнеме и да разговараме отворено за прашањето кое што денеска  е актуелно, а тоа се преговорите со нашиот источен сосед. Тоа е многу важно.

Второ, искрен да бидам, како политичар не верувам дека нашиот источен сосед ќе ја блокира Македонија во евроинтеграциите за тоа што ако се суштински, не само декларативни изјавите на политичарите од кај нашиот источен сосед тоа нема да се случи, и покрај сите авантури кои што ги направи Зоран Заев изминативе години. Така што како втор заклучок на вашето прашање не верувам дека тоа ќе се случи и ги охрабрувам тоа да не го направат. Затоа што така не ја загрозуваат само иднината на македонските граѓани, ја загрозуваат и сопствената иднина како граѓани на ЕУ. Понатаму, трето често пати во минатото сум имал телефонска комуникација со господинот Османи, за жал навикнат сум на невистинити работи да слушам од другата страна на слушалката. И се сомневам дека на уште една таква комуникација дека би слушнал некоја работа поинаква од невистината која што сум ја слушал во минатото. За жал кај нас многу политичари, многу политичари заборавија што значи зборот чест, честитост и зборот збор. И се надевам дека времето кое што е пред нас ќе ги промени овие политичари да се вратат на зборовите чест, честитост и збор во вистинска смисла на зборовите.

И последно, поврзано со таа несреќна изјава, како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите релевантни политички лидери да седнеме на една лидерска средба и да поразговараме за сите актуелни, а крупни политички прашања кои што треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава. Тука пред се мислам на случувањата околу преговорите со нашиот источен сосед, тука мислам на пописот, тука мислам на катастрофата во економијата, дебаклот во образованието, не знам дали знаете софтверот кој што беше скапо платен не функционира, еве јас од прво лице можам да ви посведочам, за сето она кое што е погрешно од државата мислам дека е потребно не е една туку повеќе лидерски средби, и заеднички да излеземе со решение пред граѓаните. Затоа што на граѓаните им е преку глава од политиканство и политики. Граѓаните сакаат да видат став, стратегија и визија како ние ќе излеземе од ова. Не може ние да зборуваме дека блескаме, а суштината е сосема поинаква. Напротив, треба да седнеме и да покажеме сите зрелост. Нивото на телефонска комуникација е незрел потег. Се знае како се решаваат овие прашања“, порача тој.

Мицкоски посочи дека стои на веќе кажаниот став дека нов договор со Бугарија  бил ставен на маса.

Јас тоа што го кажав, стојам позади тоа. Тоа што го зборувавме како политичка партија а е поврзано со меморандумот на нашиот источен сосед, а беше дел од последниот извештај а најпрвен беше негиран од страна на Владата се испостави дека е точно и на тогашниот министер за надворешни работи. Така стојам на овој став, стојам дека е разговарано за нов договор помеѓу нашиот источен сосед и Македонија, кој што ќе биде сличен на Преспансиот и ќе опфаќа уставни измени. И чудно зошто тоа никој од бугарска страна никој не го демантираше. Еве ве охрабрувам и вас како медиум да го поставите тоа прашање на политичарите на нашиот источен сосед, дали е ова вистина. Чудно е зошто никој од нивна страна не го демантираше сето тоа. А зошто дојдовме до таа состојба, е тоа е веќе друго прашање. Кои се политичарите кои не доведоа да ние денес стравуваме за нашата евро перспектива како држава. Тоа е веќе прашање кое што заслужува лидерска средба отворен разговор, и после тој разговор да излеземе или ќе понудиме решение или конечно ќе кажеме дека ние не можеме да се разбереме меѓу себе и тогаш ќе треба да бараме друг пат“, истакна Мицкоски.

-Ја слушнав идејата за заедничка историја, и јас често пати во минатото сум одговарал на таа тема што подразбираме под заедничка историја. Ако подразбираме под заедничка историја каде што два различни народа, два посебни народа имале во минатото заеднички моменти, а тоа се македонскиот народ борејќи се за своја независна македонска држава и бугарскиот народ борејќи се за својата бугарска држава, тогаш да можеме да се сложиме со тоа дека имаме во определен период заедничка историја, но откако Бугарија ќе признае посебност на македонскиот народ, кој што во тој историски временски интервал е посебен од бугарскиот народ и се борел за своја посебна независна македонска држава. Се останато е споделена историја или испреплетени историски факти. Ние сме имале заедничка историја со републиките од поранешната држава и народите кои што биле мнозинство во тие републики, но никој од тие не го негира засебноста на македонскиот народ и засебноста на македонската држава. Доколку некој се труди да стави знак на равенство помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ пред 45-тата година и непостоење на македонскиот народ во тој период тогаш ни под разно не можам да зборувам за споделување односно заедничка историја, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.