Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повикува претседателот на државата, Стево Пендаровски да свика лидерска средба за иницијативата на СДСМ и коалициските партнери кои бараат повторното свикување на Собранието.

-Ја користам оваа прилика во вашата емисија да го повикам претседателот на државата, да не создаваме тензија во државата, да не се контрираме и надмудруваме кој е погласен…, да направиме една лидерска средба, да ги отвориме картите, нека нѐ запознае господинот Зоран Заев што е целта на ова противуставно собирање и да видиме да ли може да се договориме, рече Мицкоски во синоќешното гостување на „360 Степени“.

Тој во гостувањето повтори дека засега за ВМРО-ДПМНЕ изборите не се приоритет.

-Меѓу првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ моментално не е одржување на избори. Многу од зацртаните програми на партијата ќе мора да се ревидираат, бидејќи кога биле конструирани, економијата во државата била мошне поразлична од моменталната. Втора теза е тоа што Избирачкиот список не е заклучен. Од тогаш кога беше на јавен увид, до денес има луѓе коишто се стекнале со право на глас, имаме луѓе коишто за жал починале. Потребно е тој Избирачки список да се ажурира и за тоа е потребно време, посочи Мицкоски.

Завчера, 35 пратеници од СДСМ и коалициските партнери испратија писмо до Џафери во кое бараат повторно да го свика веќе распуштеното Собрание.

Џафери се уште не одговори на барањето, а според деловникот и законите, нема обврска, ниту рок да го стори тоа.

Досега Џафери неколку пати го изнесе својот став, дека повторното свикување на Собранието би било противуставно.

Против повторно свикување на Парламентот се и од ДУИ, како и од ВМРО- ДПМНЕ.

Пратениците од СДСМ и вчера го повторија барањето. – Потребата за свикување на Собранието произлегува од времетраењето на здравствената криза, а истовремено и за потврдување на одлуките од страна на претседателот на државата за прогласување вонрдна состојба, рече на прес-конференција Јагода Шахпаска.

Пратениците барањето го темелат на член 63 став 4 од Уставот, член 15 став 4 од Изборниот законик и на членовите 67 и 68, став два од Деловникот на Собранието. Бараат претседателот на Собранието да свика итна собраниска седница за потврдување на одлуките на претседателот за прогласување на вонредна ситуација на целата територија на државата, од 18 март и од 16 април оваа година.