Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за МРТВ истакна дека откако се СДСМ и Зоран Заев на власт, семејството на Заев имотот го зголемиле за десет пати и затоа не сакаат испитување на потекло на имот за политичари.

– Погледнете го најбогатото семејство во Македонија, за колку ги зголемило приходите во последните години. Зошто нивните компании наеднаш станаа најпосакувани компании во Македонија, не можеа пред 2010 и 2015? Ајде да провериме, рече Мицкоски.

Тој посочи дека мора да се испитаат сите политичари и тој прв се пријавува, а доколку му се најде еден денар кој не може да го оправда ќе ја сноси одговорноста, но тоа треба да го сторат и Заев со семејството и другите политичари.

– Еве јас се пријавувам да моето семејство, еден денар доколку има незаконски кој што не може да го оправдам, одма сум подготвен да сносам одговорност, ама истото да го направи Заев со неговото семејство. Истото да го направат сите именувани лица, без разлика дали се ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Алијанса, Беса и така натаму, потенцира Мицкоски.

Тој нагласи дека не може реторички да кажеме дека се бориме против корупцијата, но кога ќе згаснат камерите да кажуваме какво е контото на фирмите на бате, тате и останатите бидејќи тоа е нечесно пред граѓаните.