Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на Славјанка Петровска од СДСМ за гласањето за резолуцијата за Украина, рече дека земји-членки на ЕУ немале заеднички став, и логично било да се поддржи резолуцијата на САД. Мицкоски од собраниската говорница праша ако биле против зошто земји-членки на ЕУ не гласале така на Советот за безбедност на ОН.

-Одлуката беше таква, затоа што имавме избор дали да застанеме меѓу првите во редот заедно со нашиот стратешки партнер САД или да поддржиме заеднички став на Европската Унија. Кога видовме дека во Европската Унија нема заеднички став по резолуцијата, тогаш беше логично да застанеме позади резолуцијата која што ја предложија САД, изјави премиерот Мицкоски.

Како што кажа на Советот за безбедност има постојани и земји – членки кои се менуваат.

– Прашањето е зошто тие земји – членки кои што се постојани или повремени, а се дел од ЕУ, не го блокираа носењето на резолуцијата на САД?! Зошто не гласаа против?, рече Мицкоски.

Истите тие земји во наредниот период ќе го посетуваат Вашингтон со цел да се постигне одржлив мир.

– На крајот од тој процес ќе има резолуција која ќе наликува на оваа од Америка, на која ние како држава сме коспонзори, резолуција која сите ќе ја поддржат, смета премиерот.

Македонија во целосна координација со САД, повтори Мицкоски гласаше воздржано за изменетата резолуција која претходно помина на Советот на безбедност.

-Гледам дека сите во светот денес зборуваат за мир во Украина. Ако зборуваме за мир во Украина, а не сме со двојни стандарди, тогаш ајде да работиме за мир. Како се работи на мир? Се седнува, се разговара и се преговара. Се прогласува прекин на огнот на двете страни и се седнува на маса. Тоа е начинот како да се постигне мир и се разговара се до моментот додека не се постигне мир. Со воени дејства на теренот, со жртви, со раселени, не се постигнува мир. Токму тоа е резолуцијата на САД, кажа Мицкоски.

Гледајте за неколку месеци што ќе се случи, додаде тој, посочувајќи дека ако погрешил подготвен e да се извини.

– Но ако излезе вака како што ви кажувам тогаш ќе треба нова прес-конференција на вашиот претседател, само овој пат да не го „избањате“, да му ги кажете реално работите и да се извините, и порача Мицкоски на пратеничката од СДСМ, Петровска.

Побара од неа да дојде на следното рочиште на суд поврзано со тврдењата за неговиот син бидејќи минатата недела не дошла.

-Ве молам следниот пат да не наоѓате изговор дека Парламентот е причина, обврски имате тука итн, вие изнесовте тврдења во јавноста, напаѓајќи го моето дете, рече тој.

Петровска, пак, рече дека за Мицкоски згрешил за судењето бидејќи тоа не било за неа.

Фото: Принтскрин