Тука сум, ајде, апсете рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој гостуваше во вестите на скопската ТВ 24.

Тој ова го изјави по заканите од  власта и јавното обвинителство за кривична одговорност откако вчера на прес конференција кажа дека ги поседува исказите од истрагата за криминалната афера Рекет. Опозицискиот лидер рече дека доколку истрагата за Рекет и натаму се забошотува, опозицијата ќе ги објави исказите на сведоците добиени од свиркач.

– До овој момент немам добиено никава покана од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но во епицентарот на заевизмот од Зоран Заев, Вилма Русковска и Кацарска очекувам Заев да нареди, Русковска да испорача, а Кацарска пресуди. Така што тука сум, гонете, обвинувајте, апсете, рече Мицкоски.

Тој потенцира дека на никаков начин не влијаел на истрагата.

– Доколку ние бевме Зоран Заев и организиравме воајерски шоуа кога ќе ги емитувавме тие документи, тогаш можеби би влијаеле на истрагата, рече Мицкоски.