По денешното приведување на повеќе лица меѓу кои и Димитар Димовски член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски, претседател на општински комитет на оваа партија во Аеродром, се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Заедничко за Димо и Деки е што се од мали нозе во ВМРО-ДПМНЕ. Иако во различно време, практично секој во својата генерација израснаа во партијата. Денес деспотот удри и по нив, рано изутринава инструираното обвинителство спроведе уште уште еден нарачан атак. Поводот секако детално образложен, иако со многу дупки, нејаснотии и нелогичности, ама вистинската причина ја знаат и малите деца. Димитар Димовски зборуваше за криминалот на деспотот, а Дејан Митевски зададе пораз на власта уште во првиот круг од претседателските избори, а победата ја потврди и во вториот круг. Секако тука и мотивот на власта да покријат уште поголеми скандали, но за тоа во наредниот период. Обвинителството никаде го нема кога ќе треба да одлучи за градоначалникот насилник, за вицепремиерот за кого советник од власта посочи дека е криминоген, за тендерите во здравството, за бизнисите на братот на деспотот, но затоа обвинителството се пресметува со невини луѓе. Ова е вистинската заробена држава, дури и повеќе од тоа, пишува Мицкоски на Фејсбук и додава:

„Но знам дека Димитар, Дејан, Миле и сите други, кои ги знам и не ги познавам, а денес се најдоа на мета на разузданата власт ќе издржат, но и ќе победат заедно со нас. Ние веруваме во ВМРО, а ВМРО е кауза, а каузата е нашата Македонија. И нема да не скршат, затоа што ние ќе одиме до крај, се до конечен пораз на Деспотот кој е на колена и кој во очај крева рака за да ја замолчи опозицијата и се до заедничка победа за Македонија. Тоа им го должам на браќата и сестрите кои страдаат поради прогонот, на Димитар, Дејан и другите прогонети, на оние вработени во институциите кои треперат за своите работни места, на луѓето кои во сиромаштијата и бедата наоѓаат надеж во нас, на моите деца и сите идни генерации. Тоа и го должам на мојата татковина. И по таа победа на народот оние кои сега мислат дека се најсилни, ќе останат најслаби. Го имате мојот збор“.

И сосема на крај, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ги разбирам и слушам сите гласни извици на револт и целосно ја разбирам нивната емотивна реакција, дури и мојата лична емоција е голема, огромна, но на стотиците илјади наши сограѓани им должам победа во исцрпувачки маратон, а не брз спринтерски пораз.