Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации претстави позитивна визија за економски и општествен развој, за која рече дека е неопходна за отворање перспективи на граѓаните, како и за намалување на миграцијата низ светот.
– За нас, интензивниот развој на коридорите 8 и 10 е дел од поширока европска визија: подобро да се поврзат Јадранското, Црното и Егејското Море со Централна Европа; на стоките, енергијата и луѓето да им се обезбедат повеќе патишта и подобра поврзаност; и регионот да стане инфраструктурно поврзан, наместо да остане на геополитичката периферија. Нашата географија не мора да биде наша судбина. Таа може да стане наша предност ако ги изградиме институциите и инфраструктурата што ќе ја претворат нашата географска положба во поврзаност – порача премиерот Мицкоски.
Како и повеќе пати за време на посетата на САД, Мицкоски и пред Обединетите нации зборуваше за визијата за градење на нова, модерна и технолошки напредна економија на глобално ниво.
– Идниот меѓународен поредок нема да се обликува само на боиштата или во дипломатските сали. Ќе се обликува и во лабораториите. Во училиштата. Во фабриките. Во енергетските мрежи. Во дата центрите. И во способноста на општествата да ги разберат промените што ги носи технологијата. Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста. Денес светот повторно ја препознава вредноста на отпорноста. На сигурната енергија. На инфраструктурата. На разновидните транспортни правци. На блиските и доверливи синџири на снабдување – изјави премиерот.
Ова, според него, е неопходно за на граѓаните да им се обезбеди перспектива, која е потребна за да се запре емиграцијата.
– Миграцијата започнува таму каде што нема безбедност, вработување, образование, пристап до вода, перспектива или верба дека утрешниот ден ќе биде подобар од денешниот. Таа не е само прашање на граници. Одговорната политика мора да ги поврзе безбедноста, човечкото достоинство, развојот и реалните потреби на пазарите на трудот. И климатската политика ќе мора посилно да се потпира на реалноста. Зелената транзиција е неопходна. Но ако ја направиме социјално неодржлива, ќе ја изгубиме политичката поддршка потребна за нејзино спроведување. Ако ја направиме технолошки зависна од мал број извори, ќе создадеме нови предизвици додека ги решаваме старите. Ако очекуваме посиромашните земји да се движат со исто темпо, без да им обезбедиме еднаков пристап до капитал и технологија, ќе создадеме неправда наместо транзиција, рече Мицкоски, кој своето обраќање го почна со отворено прашање за тоа како ќе изгледа светот во 2040 година, кој ќе го оставиме на генерацијата која денес влегува во училишните клупи – рече Мицкоски пред Генералното собрание на ОН.
Фото: ОН




