Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашниот дуел со Зоран Заев на МРТ порача дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ за овие избори е специјална со поголем фокус на здравството и економијата.
-ВМРО-ДПМНЕ на овие избори нема да се фали како Заев и да велиме блескаме. Ситуацијата е алармантна и трагична и тоа граѓаните го чувствуваат. Ние се фокусираме на здравство кое ќе инвестира во знаењето на медицинскиот парсонал, персоналот да заработи, а оној медицински персонал кој ја напушти Македонија да се врати, рече Мицкоски.
Мицкоски реплицираше на Заев дека поради лошото менаџирање со кризата, ние сега сме рекордери по бројот на заразени и починати од Ковид-19.
– Во мај прогласивме победа врз пандемијата, а сега имаме рекордни бројки на заразени и починати, истакна Мицкоски.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ предлагала мерки уште во февруари, но власта брутално ги одбила.
-ВМРО-ДПМНЕ предлагаше мерки уште од 26 февруари, предлагаше сет на мерки во делот на здравствената заштита, како и сет на мерки коишто ќе ги опфатат и економијата и бизнисот и реалниот сектор. Ниту еден предлог на министерот Наќе Чулев не беше сослушан, а камо ли прифатен, ниту се отворила дискусија за предложените мерки од страна на опозицијата, рече Мицкоски.