Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека средбата била куса, зашто целокупната тема за договорот за спорот со името кое вчера преку телефон го договија премиерите на Република Македонија и Република Грција е ицрпена.
– Јас немав што да додадам од она што веќе го кажав во текот на двете прес-конференции кои што ги одржав во текот на вчерашниот и денешниот ден. Немаше некои нови моменти кои што еден на друг да си ги кажеме, освен тоа да повториме дека ова за мене е договор за капитулација на Република Македонија. Тој договор сега ни е предаден на нас, односно на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Вели дека од Заев добил информација оти договорот утре ќе помине на владина седница и ќе биде декласифициран.
– Најверојатно веќе од утрешниот ден и јавноста ќе ги знае деталите и спецификите. Ние допрва ќе го разгледуваме, така што, ќе го коментираме во текот на деновите кои што доаѓаат за сите оние детали кои јавноста или не ги знае или недоволни и беа презентирани во изминатите два дена, вели Мицкоски.
Посочи дека во деновите кои следуваат партијата ќе го анализира Договорот, а потоа ќе следуваат консултации, како внатрепартиски, така и со надворешни тела и институции.
-Некој не доведе во една ваква незавидна ситуација, Република Македонија, граѓаните на Република Македонија и сите општествени групи. Си го приватизираше и монополизираше целиот овој процес. Не стави сега пред свршен чин, да коментираме капитулација. Но ние рековме на денешната прес-конференција дека ќе ги искористиме сите демократски и законски средства кои ни стојат на располагање, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во одговор на новинарско прашање.