Луѓето кои ќе го поддржат референдумот се во рамки на статистичка грешка, покажуваат нашите социолошки анализи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Сител телевизија.
Прашан како ќе настапи ВМРО-ДПМНЕ на референдумот, Мицкоски, вели дека се уште трае процесот на консултации со граѓаните за референдумот.
– Дебатата внатрепартиски е почната. Таа се спушти на ниво на општински и месни комитети. Кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ благовремено ќе ја извести јавноста, изјави Мицкоски.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ ќе побара пари од Собранието за референдумот, Мицкоски, кажа дека очекува стерилна кампања која ќе се води во периодот што следи.
– Очекуваме кампања што ќе опфати теми кои не кореспондираат со реалноста. Имаме закажано координација со пратеничката група, па ќе дискутираме и на оваа тема. Зошто да не, граѓаните треба да ја знаат комплетната слика од ова капитулантско дело што го потпиша владата. Они кажуваат дека го задржале идентитетот, ние ќе се обидеме да кажеме дека тоа не е така, дека идентитетот не само што не е задржан, него е вековно изгубен, рече Мицкоски.
За граѓаните вели дека се поделени во три групи, но според него, онаа која ќе го поддржи Договорот со Грција е најмала.
– Има мала група на луѓе што одлучила да се појави на референдум и да гласа за, во рамки на една статистичка грешка. Имаме едно гласно малцинство, што се луѓето кои имаат повеќе изразен патриотски набој. Имаме и една група на луѓе кои се тивко мнозинство, што е опортуна на овој договор, не го почитува и не се сложува со неговата содржина, но се луѓе што имаат разноразен бизнис или работат во јавна администрација и некако се поврзани со власта. Ова тивко мнозинство одлучува да биде тивко до 30 септември, изјави Мицкоски.