Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при своето гостување во емисијата „360 степени“ на АлсатМ телевизија посочи дека треба да се почитува правилото на реципроцитет во однос на прашањето за внесување на Бугари во Уставот на Македонија. Потребно е да се разговара и за внесување на Македонците во бугарскиот Устав и почитување на пресудите од ЕСЧП.
„Вчера гледав една емисија на една телевизија тука, во која што имаше претставник од ОМО Илинден Пирин и еден од Граѓанска демократска унија кој што се декларира себеси како еден од македонските Бугари овдека во Македонија. И едниот на другиот му вели добро јас сум Македонец кој што живее во Пиринска Македонија, која што е дел од независна држава Бугарија, и му вели јас немам против да вие како Бугари кои што се чувствувате како македонски Бугари бидете дел од Уставот, но зошто вие имате против ние како Македонци да бидеме дел од бугарскиот Устав“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека во емисијата претставникот на ОМО Илинден Пирин предложил на македонскиот Бугарин заедно да се борат.
„Јас ќе ви помагам за да вие во Македонија вие да бидете дел од македонскиот Устав, а вие помогнете ми да бидам дел од бугарскиот Устав“, вели Мицкоски од тоа што се говорело во емисијата за правата на Македонците во Бугарија.
Мицкоски додаде дека претставникот на ОМО Илинден Пирин побарал барем една од пресудите од ЕСЧП да се почитува од страна на Бугарија.
„Ние зборуваме за права на група, не зборуваме за признавање на македонско малцинство. Ние зборуваме за права за една група која што сака културно да се организира, духовно да се организира, политички, општествено итн. јасни се пресудите од ЕСЧП“, појасни Мицкоски.
Мицкоски укажа дека не треба само да се дава, туку треба нешто и да се земе во животот. А, Македонија само дава во однос со спорот со Бугарија.
„Ние во соопштението кажавме дека и после состанокот позициите на ВМРО-ДПМНЕ се исти како и пред состанокот. Односно дека македонскиот јазик е македонски, дека ние сме Македонци кои што си имаат своја традиција, култура, дека Гоце Делчев е Македонец, дека Илинденското востание е востание на македонскиот народ заедно со граѓаните кои што биле Турци, Албанци, Власи, итн.“, истакна Мицкоски.
На прашањето кога ќе бараат предвремени избори истакна дека откако ќе ги формира телата на партијата ќе излезе со јасен план, додавајќи дека во парламентот понудиле измени во Законот за влада за укинување на техничката влада.
Затоа понудивме во парламентот измени во Законот за влада да бидам попрецизен не во Изборниот законик бидејќи гледаме еден амбасадор баш се сеќавам на оние билатерални средби ми рече, вели многу долго трае кај вас изборниот процес и си реков да не се комуницира ова некаде надвор од конвенционалниот начин на комуницирање, ајде да направиме една анализа што значи тоа многу долго траело или многу кратко трае. Велиме 100 дена техничка влада е долг период што треба да направиме за да ја скратиме ајде да се придржуваме на уставна категорија 45 до 60 денови, што треба за тоа да се случи да нема техничка влада, вели Мицкоски.
На прашањето зошто се откажува од Пржинскиот договор Мицкоски потсети на неговите и изјавите на Зоран Заев кога во гостување и при средба во 2018 година се согласиле и двајцата техничката влада да стане минато, укажувајќи дека доколку од СДСМ се принципиелни, тогаш ќе го прифатат овој предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега ќе ве потсетам на една наша дебата пред предвремените парламентарни избори на една телевизија каде што и двајцата јавно кажавме дека се сложуваме после овие избори, оваа техничка влада да биде минато, јавно и јас и Заев кажавме на таа дебата и мислам дека ако побарате по интернет ќе најдете исечоци од таа емисија.
Потоа се сеќавам кога излегов од болница после ковид пандемијата мислам дека беше март или април минатата година, имавме јас и он една тет а тет средба во Клубот на пратеници се сеќавате и тогаш и двајцата го афирмиравме ставот дека техничката влада треба да замине во минатото. Така што има историја овој наш предлог и ако од СДСМ се принципиелни тогаш ќе го подржат овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, посочи Мицкоски.