Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена како „Развојни политики за стабилна економија“ се осврна за темата лидерска средба
„Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојде на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има“, рече Мицкоски.
Тој укажа дека нема да дозволи газење на волјата народот и државата.
„Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси“, кажа Мицкоски.
Мицкоски на крајот заклучи „Македонија не е на распродажба“.

Претходно тој се осврна за темата за формирање на пакт за национално единство.
„Се чини дека Владата нема никаков план, ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини“, рече Мицкоски.

И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и додаде „и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција“.

„И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата ќе не биде. Повторувам ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството. А криминалците од сегашната Влада ќе одговараат пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека „таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам“.