Во говорот со кој го означи почетокот на кампањата од парламентарните избори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред охриѓани обзнани заговор со кој, како што рече, СДСМ и Дуи се залажуваат дека ќе им успее.
Ќе имале СДСМ 28 пратеници, а албанските партии ќе добиеле 33 заедно и ќе правеле влада заедно. Замислете каква багра е тоа, и како размислува за иднината на државата. Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји. „Нема откажување од фотелјите“ треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како до сега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат се до 70 проценти позиции, обелодени Мицкоски.
И кога човек ќе ги праша како ќе го смените Уставот и ќе терате план за Европа, не ги интересира тоа што немаат одговор на тоа прашање, најбитно им е да се спасат од затвор, додаде тој.
Мицкоски рече дека е убеден дека албанската опозиција нема да прифати вакви сценарија и ќе ја почитува волјата на мнозинството македонски граѓани и дека заедно ќе ја реформира Македонија и ќе се труди максимално посветено и одговорно да се подобри квалитетот на живот на нашите граѓани и да ја внесеме државата во ЕУ.
Ве повикувам во што е можно поголем број да излезете и да им кажете што мислите за ваквите нивни сценарија, да има покажеме сите заедно што е и колкава е силата на Македонија и да ги испратиме на буништето на историјата каде што заслужуваат. Излезете на избори и гласајте, рече Мицкоски.