Владата сигурно ќе замине и тоа треба да се случи на избори час поскоро, порача денеска лидерот на опоцисиката ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Апелирам да се соземат и да разберат дека се поразени и да има избори и да дојде народна влада, вистинска прогресивна влада. Сега имаме состојба 60 пратеници на опозиција, 59 на власта и еден кој не знам каде е, изјави Мицкоски, при посетата на општина Кисела Вода.

Според него, во услови на криза треба лидерска средба, но, вели, за што би се разговарало сега на таква средба.

 Како што посочи, ВМРО-ДПМНЕ нема да прави опструкција на Буџетот, но очекува од мнозинството да ги поддржи нивните амандмани.

-Тие го деградираа и Собранието и институцијата пратеник. Напротив ние ќе работиме само за граѓаните. Ќе го реализираме ветеното, а нашата крајна цел е промена на оваа криминална влада предводена од СДСМ и ДУИ и формирање на влада која ќе работи за граѓаните, влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и така ќе делува, ако мислите дека ќе правиме опструкции на Буџет од кој пензионерите земаат пензии, други земаат плата. Имаме повеќе од 220 амандмани и очекуваме да бидат прифатени од оваа власт во заминување. Тоа се амандмани за народот. Треба да ги поддржат затоа што се за народот кој сака подобар живот, рече Мицкоски.

ЕУ,  истакна, треба да се одважи и да даде датум за преговори без, да ја уценува државата со дополнителни отстапки. Во спорот со Бугарија, наведе, прифатливо е секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во Собранието.

– Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото не убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овој пат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода.

Час поскоро, посочи, земјава треба да добие датум за преговори со ЕУ и тоа треба да се случи сега на овој декемвриски европски самит. Не треба, дополни тој, писма да пишуваат кои било од европските политичари, туку треба да се следат европските елементарни цивилизациски вредности.

– Овој народ многу пати во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности, овој пат треба Европа да му врати на народот на Македонија  и да не не уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да започне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори,  Мицкоски.