Црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа нивна црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, при посетата на Општина Гевгелија, запрашан од новинарите дали во пресрет на почеток на изборната кампања очекува фер кампања од власта.

Тој истакна дека, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, нема да води црна кампања затоа што македонските граѓани знаат дека Македонија од осамостојувањето немала полоша влада, од оваа на СДСМ и ДУИ и затоа ќе води позитивна кампања со презентација на проекти и решенија за проблемите на граѓаните.

„Нашата цел е во оваа кампања да водиме позитивна кампања, односно да зборуваме за проекти и да зборуваме за решенија на проблемите на граѓаните, а не да се оптеретуваме со тоа, кој колку бил лош бидејќи сите граѓани знаат дека владата на СДСМ и ДУИ беше лоша. Односно, да бидам попрецизен, полоша влада од осамостојувањето на Македонија немало“, рече Мицкоски.