Премиерот Христијан Мицкоски го осуди сквернавењето на државното знаме вчера, очекува дека вакви случувања, чија цел се етнички тензии, да има и во иднина и апелираше до сите граѓани да останат мирни на провокации зашто „во овој момент ни треба трезвеност и мир“. Според него, се работи за „мала, изолирана и манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони“.

Нагласи дека Владата „ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата“.

-Најостро го осудувам, тоа сепак претставува чин на агресија, нешто за коешто ние предупредувавме дека ќе се случува, дека ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање етнички тензии ќе има, и ќе има и во иднина. Нема да биде изолиран случај, очекувајте дека ќе има и во иднина, бидејќи како правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците и како правдата ќе затропа на нивните врати, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи  и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака, со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти, изјави Мицкоски.

Рече дека имале информации оти „токму ова ќе се случува на вчерашниот ден“ и за тоа ги предупредиле „нашите стратешки партнери и претставници на меѓународната заедница“.

Премиерот им честиташе на „навремената, трезвена и државничка акција“ на Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје  што не дозволиле ескалација на настаните и што привеле лица кои го скверанвеле македонското државно знаме.

Како што рече, сторителите во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија и ќе бидат обвинети  по член 319 од Кривичниот законик за кривично дело за кое, рече, е запретена затворска казна од најмалку една до најмногу пет години.

Сите докази, рече, „се доставени до нашите партнери, но истовремено ќе бидат докази и во судските постапки“. Очекува дека „нема да остане само на овие осум приведени“.

Апелираше до сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, како што рече, „овие криминални групи кои се уште се длабоко во своето политичко мочуриште, а беа седум години на власт, да не дозволиме да ја дестабилизираат нашата заедничка татковина Македонија“.

– Јас апелирам до македонските граѓани на трезвеност, апелирам да не дозволиме   овие инциденти да предизвикаат негативни чувства, бидејќи ова е една мала, изолирана и манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони. А до тие кои се потенцијални жртви на овие политички криминалци и насилници, сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого. Секој кој ќе го прекрши законот и Уставот ќе одговара. И ако мислат дека се недопирливи и ако мислат дека ова што го зборуваме не е вистина, мислам дека силно ќе се разочараат и ќе бидат сведоци уште во првиот обид, за овие коишто во текот на вчерашниот ден беа приведени, но и оние кои во текот на денот и во деновите коишто следуваат, а за кои постојат докази за сторено кривично или прекршочно дело ќе бидат, исто така, приведени и извадени пред истражен судија, рече Мицкоски на настан по повод реконструкција на салата Расадник во Кисела Вода.

Владата, рече тој, „гарантира безбедност, трезвена акција на МВР како што беше вчера и државничко однесување“.

-Бидете сигурни дека македонската влада ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата, нагласи Мицкоски.

Соопшти дека утрово заедно со МНР ги информирал „нашите стратешки партнери“ во земјата и надвор за случувањата и за доказите, „со какви информации располагаме и што е она што очекуваме да се случува во периодот што следува“.

Фото: МИА