При денешната посета на општина Ѓорче Петров претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на коментар за преписките со Груевски и што е позадината на тоа истакна дека сценариото на оската ДУИ – СДСМ и дел од структури на поранешното раководство во ВМРО-ДПМНЕ нема да помине, и уставни измени под бугарски диктат нема да има.

„Па јас тоа што имав да кажам поврзано со Никола Груевски го кажав јасно и гласно и немам што повеќе на тоа да додадам, она што можам да го кажам е дека наивно е да се верува дека ова станува збор само за еден обичен криминални измени во Кривичниот законик, ова е многу повеќе од тоа, ова беше едно сценарио кое што го подготвуваше оската ДУИ – СДСМ и структури, дел од поранешното раководство во ВМРО-ДПМНЕ, ова беше смислено сценарио да се најпрво обезбеди мнозинство со кое што ќе се гласаат уставните измени според бугарскиот диктат. Откако видоа дека тоа нема да се случи бидејќи јасно беше гласањето од оние 44 пратеници од коалицијата, тоа се сите пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, тогаш вториот чекор во кој што инвестира власта или оската СДСМ, ДУИ и дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше да се спушти потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие би биле најсреќни ако тој биде некаде околу 50 пратеници бидејќи сега знаат дека сме многу блиску до мнозинство во парламентот и на тој начин при формирањето на новата влада да се уценува ВМРО-ДПМНЕ, при формирањето на таа влада да го прифати бугарски диктат. Она што можам јас да го кажам е дека ниту сега, ниту во иднина дека додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ овој бугарски диктат, по цена и на тоа да ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ги брани овие позиции, нема да го прифатам бугарскиот диктат и овие услови кои што ги нуди оваа оска помеѓу СДСМ-ДУИ и дел од поранешното раководство, сега колумнисти на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа треба на секој да му е јасно дека такво нешто ниту ќе се случи сега ниту пак во иднина“, нагласи Мицкоски.

Според него, СДС би посакувале да има раскол, но не само што нема раскол, партијата никогаш не била пообединета. Но од друга страна можете да забележите како кога се гласаше дневниот ред за уставни измени ќе забележите дека двајца пратеници од коалицијата на СДС не гласаа. Истовремено ќе видите дека од ДУИ на дневна основа се појавува некој, дури имаме нови политички партии, што значи расколот е на друго место, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарски прашања.

– Во ВМРО-ДПМНЕ постои една кохезија како никогаш досега, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ако власта смета дека има раскол во ВМРО-ДПМНЕ тогаш би имале подобра позиција па нека го распуштат парламентот и да се оди на избори.

– Тоа е единствениот начин да се покаже каде има раскол, еве нека се распушти парламентот и да одиме на избори да видиме каков ќе биде исходот, потенцираше Мицкоски.

Во однос на состаноците на ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа се редовни бидејќи наскоро има избори.

– Вчера имавме Извршен комитет, утре редовен централен комитет, треба да се носат одлуки, за 6 месеци од денеска отприлика ќе имаме избори претседателски и парламентарни значајни, се докомплетираат структурите на партијата и тоа се редовни процеси и на Извршниот и на Централниот комитет, изјави Мицкоски.